Во согласност со податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата од вработен во август 2021 година изнесува 28.642 денара.
Тоа значи зголемување од 4 % во однос на истиот месец минатата година, поточно за 1.107 денари. Зголемување на просечната нето-плата е регистрирано и во однос на јули годинава кога платата изнесувала 28.540 денари, соопшти Владата.
Зголемувањето, како што образложуваат од таму, се должи, пред сѐ, на зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата од вработен во секторите: објекти за сместување и сервисни дејности со храна (15,1 %), уметност, забава и рекреација (14,2 %) и други услужни дејности (13,5 %).
Во согласност со статистиката, највисока просечна нето-плата е регистрирана во секторот информации и комуникации, потоа следуваат финансиски дејности и дејности на осигурување.
„Податоците на Државниот завод за статистика го потврдуваат трендот на раст на платите, кој е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата за раст на просечната и на минималната плата. Доколку последниот податок го споредиме со август 2017 година кога просечната плата била 22.912 денари, разликата е 5.730 денари“, пишува во владиното соопштение.
Од таму додаваат дека се посветени на реализација на стапките на економски раст од 4-5 % и покачување на платите за 20 до 30 отсто сѐ со цел подобрување на стандардот на граѓаните и економијата во земјата.